внесете ја вашата e-mail адреса за тековно да ги добивате сите информации за граѓанската иницијатива ДОСТА Е






"Што ве плаши најмногу деновиве?" Тоа е основното прашање кое, за жал, веќе прераснато во хамлетовска "или-или" дилема, на сите граѓани на Република Македонија во последниве неколку месеци на военото безумие им го поставува граѓанската акција која оди под мотото "Доста е". Акцијата ја поведоа стотина здруженија на граѓани во Републикава, координирани од Институтот отворено општество Македонија, и се обидува да даде одговор, заедничка солуција на граѓаните како да се дојде до заедница во која конечно ќе почнат да функционираат нормалните услови за живот.
Прашањето "што не плаши најмногу деновиве?" беше поставено преку бесплатни телефонски линии на македонски и на албански јазик. Но, произлезе дека стравот е многулик и се покажува еднакво и од воената криза, и од социјалната темница, и од незавршеното економско престројување на системот, но и од индивидуалната психолошка несигурност, било како последица од претходно наведените состојби било како причина за потем умножуваните пречки на посакуваните иднини во македонското општество. Во оваа смисла, "Доста е" претставува пријателски подадена рака, повик да се стави "Точка", а потоа, да се направи обид да се воспостави почеток врз здрави, сигурни основи. "Ме плаши немоќта и безгласноста на граѓаните", "ме плаши беззаконието", "ме плаши безредието", "ме плаши војната", "ме плаши невработеноста", "ме плаши фактот дека ќе морам да се иселам од својата земја ако сакам да имам подобра иднина", "ме плаши сиромаштијата", "ме плаши тоа што луѓето не ги употребуваат главите доволно", "ме плаши корупцијата и криминалот на власта"... Тоа се само некои од стотиците одговори на обичниот македонски граѓанин. Но, кога би се повлекла една паралела со актуелните одгласи во врска со стравовите на граѓаните од нашите соседни земји, особено оние со кои бевме во некогашната федерација, би се дошло до неодминливиот заклучок дека делиме наполно иста судбина, судбина на луѓе од т.н. "земји во транзиција". Целата кампања се води на неколку начини: преку промоција на идејата низ повеќе градови во државата, со флаери вметнати во страниците на печатот, со поддршка од електронските медиуми и со плакати кои за симбол ја имаат "точката", интернационално разбирливиот интерпункциски знак, во кој се вкрстуваат крајот и почетокот на нештата. Но, кога сме веќе кај најповршните паралели со сличните кампањи и граѓански иницијативи во соседните држави, можеме, на пример, да се потсетиме на исплатливо упорниот белградски "Отпор", кој мошне инвентивно, со мултимедијални зафати поттикнуваше на различни форми на граѓанска непослушност против ропската свест наметната од домашната полит-економска олигархија и мафија. Ним им се придружи и уметничката група "шкарт", чија социјално насочена уметничка активност се одвиваше низ цела Србија, а некои од нивните "малечки граѓански иницијативи" одеа под мошне провокативно мото, како што е, на пример: "Твое лајно - твоја одговорност", со далеку пошироки димензии на акција врз свеста и совеста на граѓаните, не фокусирајќи се исклучиво врз актуелната, полемичка политичка содржина. За да му се погледне директно на стравот в очи, "шкарт" делеа и "Бонови за страв", печатени на српски, на албански и на англиски, на тој начин отсликувајќи го стравот што се генерира однатре, во самата држава, но и оној страв кој доаѓа однадвор, од глобалните политички случувања. Беа и се уште се упорни. Ним им успеа. Тие успејаа да стават - точка. Нам ни е редот. Размислувањата на македонските граѓани по повод акцијата "Доста е" се уште се примаат на компјутерската адреса mail@dostae.net.mk, а повеќе информации можат да се најдат на официјалниот веб-сајт www.dostae.net.mk.

В.Ш.

ЗУМ 17.08.2001
ДА СЕ ЗЕМЕ СУДБИНАТА ВО ТВОИ РАЦЕ

 

 

ДОСТА Е!