Господине Милчин, во организација на стотина невладини организации и финансиски подржана од Институтот отворено општество, на 17 јули започна кампањата "Доста е". што ги потикна невладините организации за ваквиот чекор и чија беше идејата?
- Во средината на март имавме едн апел за мир, кој го подржаа околу четириесетина невладини организации, а потоа бројката растеше и достигна над триста потписи. На 3-ти мај имавме уште едн апел против безумието, кој беше потпишан од 150 невладини организации. Неколку дена потоа во Охрид беше одржан состанок на кој присуствуваа околу 100 невладини организации. Јас, за жал, не присувствував на состанокот. Во Охрид се разговарало за тоа што граѓаните можат да направат. Еден од резултатите на таа средба бил договорот да се отворат две телефонски линиии, на кои граѓаните одговарале на прашањето што најмногу ги плаши. И, всушност, во оваа кампања се користат изјави од телефонските јавувања во Охрид. Резултатите од телефонската анкета во Охрид ги поттикнале невладините организации да размислат што друго можат да сторат. Како симбол е избран интерпукцискиот знак "точка", кој се употребува во сите јазици и го има истото значење. Точката значи крај, но наедно и нов почеток.
Загрозеност и пред војната
Што ги плаши граѓаните?
- Интересно е што анкетираните не говорат само за воената криза. Од одговорите произлегува дека владее општо чувство на несигурност, за недостиг од иднина. Има една многу интересна изјава која вели "Македонија ќе остане земја на старци". Така што би рекол, чувството на загрозеност и вознемиреност на граѓаните има поширок контекст, а војната се појавува како еден од елементите. Инаку граѓаните на Македонија имаат чувство дека нивната иднина била загрозена и пред воената криза.
Колку проценти од вкупното население беа анкетирани и дали бројката е доволна за да се донесат конкретни заклучоци?
- Ние не донесуваме заклучоци, туку им овозможуваме на луѓето да го искажат она што го чувствуваат. Точната бројка на анкетирани не ја знам, но мислам дека станува збор неколку стотици лица, заедно со членството на невладините организации. Сакам да напоменам дека меѓу анкетираните беа опфатени лица од сите националности.
Дали акцијата ќе ги опфати и кризните реони?
- ќе биде опфатена цела Македонија, тоа значи и во кризните реони.
Дали ќе имате обезбедување?
- Никако. Наше обезбедување е јавното работење.МВР ни се стави на располагање, но ние цениме дека обезбедувањето не ни е потребно.
Што очекувате од кампањата?
- Нашето очекување не е со никаква идеја. Врзано е само со тоа граѓаните да ја искористат можноста и да го кажат својот став. Ние на граѓаните не им сугерираме никаква идеја, нас не интересира тие да го кажат тоа што го мислат и чувствуваат. Почна да функционира и "гласот на народот" на сајтот, каде што тие испраќаат пораки што мислат за кампањата и за состојбата во државата.
Колку невладините организации навистина можат да им помогнат на граѓаните?
- Не знам колку можат да помогнат, но од мое лично искуство, можам да кажам дека граѓаните се јавуваат, ме застануваат на улица, разговараат. Има граѓани кои се сомневаат во кампањата. На прес- конференцијата имаше еден постар човек со кого подоцна разговаравме и заклучивме дека не мора да се согласуваме за се, но тоа не значи дека треба да се тепаме или еден на друг да си го одземаме зборот. По разговорот тој ја зеде маицата и го стави беxот. Оваа кампања не е за да создаваме истомисленици, туку да им овозможиме на граѓаните да го искажат својот став и фрустрации и да не чувствуваат дека нивниот глас нема каде да се чуе.
Како албанската популација реагира на кампањата?
- Ние решивме прес-конференцијата да ја одржиме на отворено во старата скопска чаршија. Местото каде што го држевме пресот беше ресторан на Албанец. Претходно бевме одбиени од лице кое рече дека мора да ја праша својата партија. Но, вториот беше среќен и горд што може на некој начин да ни биде домаќин.
Дали на прес конференцијата присуствуваа и невладини организации формирано од лица од албанска националност?
- И покрај тоа што тие учествуваат во самата кампања, а биле присутни и на состанокот во Охрид, на пресот не учествуваа. Некои изразија чувство на несигурност за својата безбедност, бидејќи не беа од Скопје. Тоа и можам да го разберам. Тоа е исто така наша реалност.
ПРАВО НА ИЗЈАСНУВАЊЕ
На почетокот на кризата можеби и немаше толку голем јаз меѓу Македонците и Албанците. Но, како одминува времето нетрпеливоста меѓу двата ентитета се зголемува. Колку оваа кампања може да придонесе за надминување на разликите?
- Ми кажаа дека во Охрид почетокот на состанокот се одвивал во голема тензија. Но, потоа, кога луѓето почнале да разговараат отворено за тоа што мислат, во што веруваат и од што се плашат, се утврдило дека меѓусебниот разговор е можен. Ако ништо друго, тогаш барем за да се видат разликите. Дури и тие разлики биле резултат на заблуди или пак резултат на пропаганда. Проблемот е во тоа што во последно време се губи просторот во кој ние можеме да чуеме што мислат едните, а што другите. Се повеќе и повеќе им дозволуваме на политичарите, кои имаат свои интереси, кои пак не мора да се идентични со граѓанските, да говорат во наше име. Една од поентите беше и таа на граѓанинот да не му биде одземено правото за изјаснување.
Во последниве десет години, посебно со своите националистички изјави, политчарите се повеќе го делат населението, пред се за време на изборите. Дали обичните граѓани можат да го надминат тоа?
- Ве ројатно подготвеноста да се разгова е првиот степен за надминување на недовербата. Мислам дека ние имаме сериозен проблем што не сме подготвени да ги ислушаме разликите и понекогаш на зборовите реагираме како што се реагира на куршуми. Има зборови кои се опасни. Клучот е во тоа дали сме еднакво подготвени да го ислушаме другиот, колку што очекуваме тој да не ислуша нас. Мислам дека е тоа првата претпоставка. Доколку поаѓаме од позицијата во која еден држи монолог, а другиот треба да слуша, тогаш, дијалогот не може да почне, ниту пак може да се констатира во што се разликите. Ние имаме оправдување за своите ставови, меѓутоа не знаеме дека можеби и другиот има причина за своите ставови.
Во контекст на ова, дали волонтерите кои учествуваат во кампањата ќе побараат од граѓаните да се стават на местото на другиот за да го разберат?
- Претпоставувам дека оваа кампања ќе донесе искуство токму во таа смисла. Знаете, за нас ова е новина. Дел од луѓето немаат искуство во кампањи, има многу елементи кои не се познати и затоа имаме една огромна qубопитност што ќе се случува.
Што сторија невладините организации за тетовци кои беа пред Собранието?
- Имаше доста од невладините организации кои им помагаа на луѓето, на пример, Сојузот на жените. Невладините организации не можат да ја заменат државата. Тие можат да помогнат во некои сегменти, но не можат да бидат алиби за пропустите на државата.
Колку албанскиите невладини организации им помагаа на тетовци?
- Не ми е познато.
Дали и тука станува збор за поделба или можеби се плашат?
- Мислам дека се плашат. Има нешто што е добро и придонесува за надминување на недовербата. А тоа се случаите на човечка солидарност без разлика на етничката припадност. На пример, по масакарот во Вејце, еден од ранетите кој успеа да преживее, беше спасен токму од постар Албанец, кој можеби ја ставил главата во торба за тоа. Но, за жал, само еден медиум го спомеа случајот. Или пак, тројцата Македонци од Тетово, кои меѓу другите ја штитеа и куќата на Албанецот, а можеа да ја запалат. Има многу такви примери. А, тоа влева надеж, а надеж е и тоа што досега не се убивавме по улиците. Да мислевме дека нема спас, немаше да ја почнуваме кампањата.
До кога ќе трае кампањата?
- До крајот на август.
По масакарот во Вејце, еден од ранетите кој успеа да преживее, беше спасен токму од постар Албанец, кој можеби ја ставил главата во торба за тоа. Но, за жал, само еден медиум го спомена случајот. Или пак, тројцата Македонци од Тетово, кои меѓу другите ја штитеа и куќата на Албанецот, а можеа да ја запалат.
ВЕЧЕР 28/29.07.2001
НЕ СЕ
УБИВАМЕ ПО УЛИЦИТЕ, ЗНАЧИ ИМА НАДЕЖ!
ВЛАДИМИР
МИЛЧИН ДИРЕКТОР НА ИНСТИТУТОТ ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО
