Проглас на Платформата за граѓанска акција ДОСТА Е

ПРОТИВ КЛЕВЕТИТЕ, ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКАТА!

ДОСТА Е – тоа е име-симбол на Платформата за граѓанска акција во која учествуваат 117 здруженија на граѓани и фондации од Македонија. Формирана е во јуни 2001 година како одговор на воениот кошмар. Пораката беше јасна:

ДОСТА Е војна, ДОСТА Е омраза, ДОСТА Е етнички, верски, партиски и социјални конфликти! Македонија мораме да ја зачуваме, заедно, сите ние, нејзините граѓани!

Нашата акција не заврши со потпишувањето на Охридскиот договор. Мирот не се донесува само со потпис, мирот се гради! Затоа, во март 2002 година, повторно се организиравме. Решивме да го свртиме вниманието на јавноста кон прашањата од кои зависи иднината на Македонија:

- фер и демократски избори
- борба против корупцијата
- децентрализација на власта
- намалување на одливот на умови
- демилитаризација на општеството.

Со жалење констатираме дека токму поради овие заложби деновиве сме изложени на брутални напади од страна на актуелната власт. Клеветите и обвинувањата се жестоки, притисокот станува сe поголем. Нашите легални акции се попречуваат со насилништво, се кршат билбордите од кои повикуваме на граѓанска одговорност, а нашите имиња и адреси јавно се објавуваат како листи за отстрел!!!

Наше е да порачаме уште еднаш: ДОСТА Е!

Целиот демократски свет и секој чесен граѓанин на Македонија се згрозува од клеветите дека невладиниот сектор, значи, ние, граѓаните на Македонија, сме работеле против државниот суверенитет на сопствената држава!? Обвинети сме од власта дека, наводно, делуваме како “петта колона”!? Кој е, сепак, “петта колона”?

Ќе потсетиме: првпат таа фраза ја изрече фашистичкиот генерал Емилио Мола Видал, мислејќи на оние што “однатре” ќе го помогнат влегувањето на фашистичките трупи во слободарскиот Мадрид! Така и би! Фашизмот на Франко ја порази Републиката!

И денес, како и тогаш, станува збор за Републиката. За нашата земја, Република Македонија! Затоа, тука сме за да расчистиме со клеветничкото етикетирање. Тука сме за да порачаме: невладиниот сектор бара фер и демократски избори, елиминирање на корупцијата, децентрализација на власта, намалување на одливот на умови, демилитаризација на општеството, мир и посреќна иднина за граѓаните на Македонија! Невладиниот сектор секогаш ќе биде партнер на секоја власт што ќе работи на остварувањето на овие демократски идеали!

Ако, пак, тоа не и се допаѓа на оваа власт, нека продолжи да не клевети и да ги користи своите механизми на насилство врз граѓаните. Но, стравот веќе е надминат. Во крајно време, како и во секоја демократска земја, на власта и се даваат две можности: да биде партнер со невладиниот сектор или да го почувствува притисокот на граѓаните! На сите клевети и на сеењето страв, ние го нудиме едниствениот демократски одговор: Платформата ДОСТА Е се преточува во ново движење - МОЌТА Е ВО НАРОДОТ!