Што е ДОСТА Е
| ДОСТА Е е граѓанска акција започната од страна
на стотина здруженија на граѓани што работат во Македонија. ДОСТА Е
е одговор на овие луѓе на состојбата во која се наоѓаме повеќе години.
Таа нема национален карактер и зад неа не стои ниту една политичка партија.
Граѓанскиот концепт на живеење со сите обврски и одговорности што тој
ги носи со себе е нашиот интерес. Нашата стратегија е социјално-економскиот
напредок на заедницата, без учество во власта. Ние ја почнавме оваа
акција. Тоа е сè што можевме,
верувајќи дека секој граѓанин треба да направи сè
што е во неговите можности за заедницата во која живее да изгледа подобро.
Затоа, ако ти е доста, почни со тоа што ќе ставиш точка. Целата идеја тргна од едно едноставно прашање што си го поставивме на почетокот на т.н. безбедносна криза во Македонија, забележувајќи ја немоста на граѓаните. Прашањето “Што нè плаши најмногу овие денови?” им го поставивме на сите граѓани на Македонија преку бесплатните телефонски линии на македонски и на албански јазик, со цел да го слушнеме гласот на граѓаните. Одговорите што ги добивме не се однесуваа само на безбедносната криза, туку и на политичката, економската, социјалната состојба, која ја загрозува човечката егзистенција. Граѓаните, подеднакво и Македонците, и Албанците, и Ромите, и Турците, и Србите, и Власите..., се плашат од релативно исти работи. Тоа ни ја покажа можноста на граѓанството и нè наведе да се собереме некаде заедно и да поразговараме за проблемите што ги имаме и за нашата моќ да придонесеме за нивно разрешување. На средбата на претставници од стотина здруженија на граѓани во Охрид, добивме уште одговори на прашањето ШТО МЕ ПЛАШИ, но слушнавме и различни идеи, предлози и иницијативи, кои нè натераа повторно заедно да преземеме нешто. Тргнавме со длабока верба дека на огромен дел од граѓаните, без разлика на нивната националност, им е доста. Затоа решивме едноставно да ги презентираме тие одговори во јавноста и да креираме еден симбол, кој ќе ни овозможи да бидеме јасни во нашите намери. Избравме национално неутрален симбол, бидејќи ни беше важен само граѓанинот. Тоа мораше да биде лесно препознатлив, лесно апликативен симбол кој ќе ја носи основната порака на луѓето на кои им е доста. Нивниот глас за ставање крај и за нов почеток можевме да го чуеме и видиме секаде околу нас. Меѓу крајот и почтокот ние ја најдовме нашата точка. Потоа додадовме ДОСТА Е, како ехо на тој глас. Тоа ни е главната цел. Да се чуе тој глас. Каде сето ова ќе нè носи не знаеме, но сигурни сме дека како луѓе заслужуваме подобро, затоа што знаеме да живееме и да понудиме подобро. Затоа, почни со тоа што ќе ставиш точка и ќе им кажеш: доста е. |